Би сакале да ве известиме дека Индексот за одржливост на граѓанските организации во Македонија за 2015 година е достапен за јавноста. Генералната оценка (3.9), за одржливоста на граѓанските организации во Македонија за 2015 година бележи пад, и го продолжува надолниот тренд на попречување на овозможувачката околина за граѓанските организации. Во регионот, Македонија се наоѓа на шестото место во регионот, позади Косово, заедно со Србија и Црна Гора.
Честото менување на законите, вклучувајќи ги и оние кои го регулираат привременото и хонорарното работење, создадоа правна несигурност, влошувајќи ја општата правна околина (3.7) во која делуваат граѓанските организации (ГО). Загрижувачки се измените и дополнувањата на Законот за полиција, со кои што полицијата се овластува да употреби сила при јавни собири и тоа: електрошокови, гумени куршуми, специјални возила и експлозиви.
Исто така, забележани се низа ограничувања на слободата на собирање, од кој најзагрижувачки е акцискиот план кој содржи одредба со која може да се донесе акт со кој ќе се забранат протести пред Собранието, а можеби и да се ограничат идните протести на граѓаните пред јавните институции.
Не се забележани случаи на затворени граѓански организации, но има случаи на пријавени вербални закани и етикетирања на организации кои критикуваат владини политики. Иако ГО работат непрофитно, и натаму истите го немаaт соодветниот фискален третман, или пак се дискриминирани при олесувања кои се на располагање за мали и средни претпријатија (на пример олеснување за данок на добивка).
Оцената за Организацискиот капацитет изнесува 3.8, и не отстапува значително од просекот во однос на минатите години. Според најновите достапни податоци, во ГО се регистрирани само 1.897 вработени со полно работно време, додека повеќето вработени се ангажирани на проекти или пак работат волонтерски. Стратешко планирање е забележано само кај поголемите организации. Граѓанските организации не успеале да воспостават подиректни врски со своите конституенти, со исклучок на неколку организации кои поддржуваат маргинализирани групи.
Финансиската одржливост (4.4) е незначително подобрена и се уште ги прави ГО финансиски ранливи на долгорочен план. Финансиите во најголем дел доаѓаат од надворешни извори (ЕУ, УСАИД, СДЦ, Амбасадите на Велика Британија и кралството Холандија). Државната поддршка е незначителна и не ги задоволува потребите на секторот. Добивките од лотарии и натаму се распределуваат преку нетранспарентна процедура.
Во областа на застапувањето (3.6), директната комуникација меѓу владата и граѓанските организации е намалена, а барањата за средби и информации биле игнорирани или едвај прифатени. Граѓанските организации не најдоа добар сојузник во владата при формирањето на Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор, како и во однос на нацрт-Одлуката за финансирање здруженија и фондации од државен буџет, поради одбивањето или игнорирање на предлозите на граѓанските организации за двете одлуки од страна на владата. Исто така, ГО се уште не се вклучени во работните групи за ИПА фондовите. Влошено е и вклучувањето на граѓанските организации во креирањето на политики, а за тоа говори и фактот дека до крајот на 2015 година, 442 (66%) од законите биле донесени по брза постапка.
Обезбедувањето на услуги од страна на граѓанските организации (3.8) е недоволно и често не успеваат да ги задоволат сите потреби на корисниците поради недостиг на средства. Различни услуги се обезбедени за социјална заштита на деца, личности со хендикеп и маргинализирани групи, и организациите ретко заработуват од услугите што ги нудат.
Состојбата со инфраструктурата е речиси иста како во 2014 (3.3). Во рамките на програма Цивика Мобилитас, МЦМС додели вкупно 45 грантиви во износ од 1,9 милиони УСД, додека ФООМ (вклучувајќи го проектот на УСАИД за граѓанско општество) додели 41 грант во износ од 1.273.960 УСД. Четири конзорциуми на ГО доделија грантови од Делегацијата на ЕУ за финансирање помали проекти, во просек меѓу 3.000 и 5.000 евра од проект. Сите грант програми, како и ЕУ ТАКСО проектот нудат тренинзи, услуги и информации за организациите, лично и преку нивните веб-страници. ГО често споделуваат информации преку меилинг листата на ТАКСО и преку тематски коалиции. Според истражувањето на Конект за соработката меѓу ГО и бизнис заедницата, половина од ГО објавиле дека соработувале со бизнис секторот, додека пак само 15,5 % од бизнис секторот соработувал со ГО.
Благодарение на ограничената и поларизирана медиумска средина, имиџот во јавноста (4.4) на граѓанските организации и натаму се влошува. Против граѓанските организации се водеше црна кампања предводена од провладините медиуми. Од тие причини, процентот на граѓани кои имаат доверба во граѓанскиот сектор имал значителен пад од 59,3% во 2013та година, на 50,5% во 2015 година.
Индексот е развиен од Американската агенција за меѓународен развој, а во Република Македонија од 2015 година се спроведува во партнерство со Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Индексот претставува алатка за мерење на напредокот на граѓанскиот сектор и ја оценува околината во која делува граѓанското општество, притоа фокусирајќи се на 7 димензии: правната рамка, организацискиот капацитет, финансиската одржливост, застапувањето, обезбедување на услуги, инфраструктурата и имиџот на граѓанските организации во јавноста. Секоја од областите се оценува поединечно на скала од 1 до 7, при што 1 означува највисоко ниво, а 7 најниско ниво на развоj.
Целиот извештај можете да го прочитате тука на македонски јазик, а истиот е достапен и на англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме обратете се на Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) на executiveoffice@balkancsd.net
Со почит,